Често поставувани прашања

Зошто „Алкалоид“ има своја веб-форма за пријавување неправилности AlkaSpeakUp?

AlkaSpeakUp дава можност секому, без разлика дали е вработен во компанијата или не, да пријави несоодветно однесување, можно прекршување на Кодот за етичко и деловно однесување, прекршување на политиките и на процедурите на „Алкалоид“, како и сомнежи за непочитување на законските прописи.

Кои се можностите за предочување неправилности и прекршувања на Кодот пред да се пријават?

Доколку сте дел од „Алкалоид“, размислете за разговор со својот линиски менаџер, со втората линија менаџмент, каде што е применливо, како и со локалниот офицер за корпоративна усогласеност или, пак, со офицерот за корпоративна усогласеност на корпоративно ниво.

Која е улогата на офицерот за корпоративна усогласеност на корпоративно ниво?

Офицерот за корпоративна усогласеност во „Алкалоид“ е целосно посветен на активностите што водат кон осигурување дека нашите луѓе ги разбираат и дека ги следат етичките начела посочени во нашиот код. Офицерот за корпоративна усогласеност е лице-контакт за сите вработени, за акционерите во компанијата, за нашите деловни партнери и за клиентите во врска со прашања и со дејствувања поврзани со нашиот код, како и лице кое директно ги прима пријавите за повреда на Кодот.

Кои се каналите за комуникација со офицерот за корпоративна усогласеност на корпоративно ниво?

Контактот со офицерот за корпоративна усогласеност, за сите работи од негова надлежност, може да се воспостави преку следните канали на комуникација:
• веб-формата AlkaSpeakUp на „Алкалоид“ за пријавување повреда на Кодот, која дава можност и за анонимно пријавување;
• јавување на телефонскиот број +38972918245 (телефонски број на офицерот за корпоративна усогласеност) и преку
• електронска пошта на следната адреса: [email protected]

Дали може тука да пријавам несакани реакции на лек и проблеми со производите на „Алкалоид“?

Не. Посетете го делот „Пријавете несакана реакција на лек“ на нашата веб-страница www.alkaloid.com.mk, каде што можете да ги испратите наведените забелешки.

Како функционира веб-формата AlkaSpeakUp на „Алкалоид“?

Веб-формата AlkaSpeakUp овозможува по електронски пат (анонимно или транспарентно) да пријавите нерегуларност (неетичко однесување – повредување на Кодот за етичко и деловно однесување и незаконско однесување – нарушување на корпоративната усогласеност). Вашата пријава пристигнува директно и единствено до офицерот за корпоративна усогласеност, кој потоа, доколку таа е основана, заедно со Комисијата за корпоративна усогласеност, поведува истрага, а потоа Комисијата одлучува за неа. Во кое било време преку веб-формата AlkaSpeakUp можете да контактирате со офицерот во врска со вашата пријава.

За кои ситуации треба да ја користам веб-формата AlkaSpeakUp, како и другите канали за пријавување во „Алкалоид“?

Овие канали на комуникација, како и веб-формата AlkaSpeakUp, се користат за пријавување сомнеж за извршување неетички и незаконски активности од вработени и од раководни лица во „Алкалоид“. Треба да знаете дека веб-формата AlkaSpeakUp не се користи за пријавување тековни проблеми на вработените, како што се поплаки на вработените во врска со платите, часовите на работа, со евалуациите за успешно извршување на редовните работни задачи, за озборувања и др. Воедно, треба да знаете дека не е дозволено свесно пријавување невистинити информации за вработено или за раководно лице во „Алкалоид“, со цел предизвикување штетни последици за лицето. Таквото однесување ќе биде третирано во согласност со локалната регулатива за заштита на укажувачите и на внатрешните акти на „Алкалоид“.

Имам сознанија за неетичко однесување. Зошто би требало да го пријавам?

Истапувањето и споделувањето на грижите за евентуално прекршување на Кодот и за неетичко однесување е вистинска работа за секој одговорен вработен. Тоа е основа за градење доверба во нашата компанија и на тој начин се штитите себеси, своите колеги и ги штитите правата и интересите на „Алкалоид“. Сите вработени треба да знаат дека нивна одговорност е да го пријават секое однесување спротивно на клучните вредности на „Алкалоид“, со што ќе овозможат нивно целосно практикување.

Што ако само се сомневам во етичноста и во законитоста на одредена активност, но немам докази за тоа?

Доколку се сомневате во одредена активност, иако ги немате сите податоци врзани за таа активност или, пак, немате цврсти докази за тоа, ве охрабруваме да пријавите со добра намера. Комисијата за корпоративна усогласеност поведува истрага по секоја основана пријава, во рамки на која ќе се обезбедат потребните докази, доколку постојат. Вашето пријавување може да ги минимизира потенцијалните негативни влијанија врз „Алкалоид“. Кога пријавувате со добра намера, секако дека ние ќе ве подржиме.

Што ако мојот претпоставен и другите менаџери се вклучени во неетичките и незаконски активности што сакам да ги пријавам?
Загрижен сум дали тие ќе ги видат деталите што ќе ги споделам преку веб-формата AlkaSpeakUp.

Деталите за инцидентот што ќе ги внесете во веб-формата AlkaSpeakUp се достапни само за офицерот за корпоративна усогласеност и за назначената Комисија за корпоративна усогласеност од страна на Управниот одбор. Офицерот за корпоративна усогласеност и Комисијата се обврзани да ја обезбедат и да ја заштитат доверливоста на податоците што ги споделувате на веб-формата. Доверливоста на податоците е еден од приоритетите и бидете сигурни дека тие нема да дојдат до посочените лица. Секако, тука секогаш е и можноста за анонимно пријавување без откривање на вашиот идентитет.

Како да постапам доколку оној што сакам да го пријавам за неусогласеност е член на Комисијата за корпоративна усогласеност?

Доколку имате пријава која е тесно поврзана и која вклучува член на Комисијата за корпоративна усогласеност, тој, во согласност со нашите процедури, веднаш се исклучува од составот на Комисијата, кој ја разгледува и одлучува за таа пријава.

Дали мора да се идентификувам при поднесувањето пријава за неетичко и незаконско работење?

Не. Не мора да го откривате својот идентитет кога пријавувате користејќи ја веб-формата AlkaSpeakUp. Никој нема да знае дека сте пријавувач, освен ако доброволно не се идентификувате при пополнување на формуларот преку интернет. Информациите што ги давате ќе бидат третирани како строго доверливи и привилегирани, колку што е дозволено со закон. Меѓутоа, доколку одлучите да го откриете својот идентитет, тоа може да помогне во спроведувањето потемелна и транспарентна истрага. Одлуката за откривање на идентитетот останува на вас.

Што ако се сетам на нешто важно во врска со инцидентот откако ќе ја поднесам пријавата?

Кога поднесувате пријава, добивате уникатен број за идентификација на извештајот – конфирмациски клуч. Задолжително е да го зачувате/запомните својот конфирмациски клуч за да може повторно да пристапите преку веб-формата AlkaSpeakUp и да ја надополните својата пријава.

Што ако офицерот за корпоративна усогласеност и Комисијата за корпоративна усогласеност, кои ја водат истрагата, имаат дополнителни прашања за мене во врска со мојата пријава?

Доколку ја изберете опцијата за транспарентна пријава, тие ќе контактираат со вас во согласност со наведените контакти при регистрацијата. Доколку, пак, одберете анонимна пријава, ќе можете да контактирате со нив преку полето за проверка на статусот на пријавата. За да се приклучите, ќе мора да го внесете конфирмацискиот клуч, кој се генерира при поднесувањето на пријавата, и кој треба да го запомните.

Како да знам дали е поведена истрага врз основа на мојата пријава и кој е нејзиниот статус?

Со пристапување кон полето за проверка на статусот на пријавата, можете да добиете информации до каде е истрагата за вашата пријава и да поставите дополнителни прашања. За да се приклучите, ќе мора да го внесете конфирмацискиот клуч, кој се генерира при поднесувањето на вашата пријава и кој треба да го запомните. „Алкалоид“ е посветен на навремено истражување на сите пријави за неетичко и незаконско однесување. Кога пријавата е поднесена, реакцијата и начинот на истрага зависат од природата и од сериозноста на потенцијалната нерегуларност. Ве уверуваме дека за сите сериозни пријави на неетичко и на незаконско однесување ќе биде спроведена соодветна истрага, но, сепак, поради потребата да се задржи анонимноста и доверливоста на сите заинтересирани страни, може да не забележите дека таа се случува.

Што ако сакам да се идентификувам при поднесувањето на пријавата?

При поднесувањето на пријавата изберете ја опцијата за транспарентна пријава и ќе бидете прашани за своето име и за податоците за контакт (e-mail). При пријавувањето наведете што е можно повеќе детали. Ве охрабруваме да се идентификувате и да се вклучите во процесот, односно да ја поддржите истрагата на „Алкалоид“ за својата пријава. Вашите лични податоци ќе бидат третирани во согласност со регулативите за заштита на личните податоци. „Алкалоид“ обезбедува заштита за вашето транспарентно пријавување, односно вие нема да трпите никакви штетни последици во однос на правата и на обврските од вашиот работен однос поради извршеното пријавување.

До кого во рамките на „Алкалоид“ може да ги упатам своите дополнителни прашања поврзани со веб-формата AlkaSpeakUp?

Сите дополнителни информации околу веб-формата AlkaSpeakUp, како и вашата пријава за неетичко и незаконско однесување, може да ги добиете од офицерот за корпоративна усогласеност.

Каква законска заштита имам како пријавувач на неетичко и незаконско однесување?

Како транспарентен пријавувач на неетичко и незаконско однесување од вработени и од раководни лица во „Алкалоид“, вие сте заштитени во согласност со регулативата за заштита на укажувачи, а вашите лични податоци се заштитени во согласност со регулативата за заштита на лични податоци.