Порака од менаџментот

Почитувани колешки и колеги, Производите на „Алкалоид“ се дел од секојдневието на милиони луѓе во земјите каде што компанијата има воспоставено свои деловни операции. Секој производ што го носи логото на „Алкалоид“ е синоним за квалитет, за традиција и за вложен труд на преку илјада вработени и генерации на „алкалоидовци“, кои пред нас ги граделе компаниските вредности. Но, во исто време, огромна е одговорноста да се задржи тој кредибилитет.

Имиџот на секоја компанија не го градат скапите маркетиншки кампањи или шарените пакувања на производите. Тој имиџ, тие компаниски вредности и тој кредибилитет се рефлексија на организациската култура, во која треба да постојат точно дефинирани правила на однесување на секој вработен и на секој соработник, кој на некој начин е вклучен во компаниските процеси на кое било ниво. Затоа го дефиниравме „Кодот на етичко и деловно однесување“, кој претставува сублимат на правила за однесување на работното место, кои треба да бидат и референција за сите вработени за нивно поуспешнo справување со секојдневните работни предизвици на професионален и на етички начин.

Сите ние, како дел од глобално ориентираната приказна на „Алкалоид“, треба да придонесеме за успешно реализирање на компаниските процеси и секој вработен со своето однесување треба да ја манифестира својата цврста волја, намера и подготвеност да придонесе за непречено и за уште поефикасно спроведување на компаниската визија и мисија. За мене, како Генерален директор на „Алкалоид“, не постои повисок приоритет од високопрофесионален и етичен пристап во работењето од страна на вработените во компанијата, без оглед на тоа од која земја потекнуваат и на која позиција работат. Ви благодарам што сте дел од успешната приказна на „Алкалоид“ и им се радувам на идните заеднички поголеми успеси и на уште повисоките достигнувања!

Живко Мукаетов Генерален директор и Претседател на Управниот одбор „Алкалоид“ АД Скопје